Земјоделците се караат дали случајот да се обелодени, судиите судат, извршителите експресно ги спроведуваат пресудите, на водостопанското претпријатие Мантово во ликвидација му се брза да ја прибере водарината.

Врие во радовишко со наплатата на долговите за наводнување на земјоделските површини. Високи камати на застарени долгови за површини што не се наводнувале, тужби за веќе платени сметки, блокирани сметки и пензии, исплата на каса прими се само дел од обвинувањата на земјоделците.

Тужби добиле илјада само најхрабрите од селото Ињево излегоа пред камера.

„Даден сум на суд од Мантово работна организација прво не постои работна организација умрена е со времето на Тито, второ не наводнувана нива ми бараат како да сум ја наводнувал“, рече Марјан Коцев, жител на село Ињево.

„Од 2004 и 2005 година плаќани документи од 2007 година платено, документот е со мене и пак сум даден на извршител и сега нивите ми се под хипотека ставени“, рече Илија Ангелов, жител на село Ињево.

„Ова е организирана мрежа на организиран криминл и перење пари на терет на земјоделците кој произведуваат храна со пот и труд“, рече Ванчо Горгиев, жител на село Ињево.

Раздвижено е и во судот во Радовиш се одржуваат и по неколку рочишта дневно, велат дека постапувале законски со наплатата на долговите.

„Во делот на застареноста ние како суд не се повикуваме освен ако странките сами се повикаат. Сите парични побарување што се утврдени со долгот застареваат за 3 години и ако странката се повика за 3 години, 3 години ние пресудуваме иако општиот рок на застареност е 5 години на сите долгови“, рече Антон Атанасов, в.д. претседател на судот во Радовиш.

Законски било и во Мантово таму веќе 2 години тече постапката за ликвидација. Ликвидаторот вели каматите не биле паушални.

„До 30-ти октомври тековна година се мисли побарувањето се наплаќа без камата, после овој рок со пропишани мерки од Народна банка, методот е тој што го користи Народна банка го користиме и ние“, рече Зоранчо Илиевски, ликвидатор на „Мантово“.

Вкупните побарувања од тужените илјада земјоделци изнесуваат околу 10 милиони денари, 30 насто досега биле наплатени.


Во манастирот Свети Ѓорѓи кај радовишкото село Ораовица во неделата се одржа групна венчавка на 45 брачни двојки, од кои повеќето одамна се во граѓански брак. Со чинот раководеше митрополитот на Брегалничката епархија, Иларион. Најстарата двојка беа Димитар и Милка Здравеви од Ораовица, на кои венчавањето им се совпадна со 50-годишнината од бракот. Една иселена брачна двојка на венчавка во Ораовица допатува дури од САД. Масовна венчавка во Ораовица, село со околу 1.700 жители, првпат се одржа пред седум години. Тогаш се венчаа 90 брачни двојки од Радовиш, Ораовица и од други села во Радовишко.


Во Радовиш денеска почна изградбата на мостот на реката Сушица, кој беше урнат при елементарна непогода на 5 декември 2008 година.
- Изградбата на мостот чини 6.500,000 денари, од кои Владата додели 3.500.000, а од буџетот на општината издвоивме четири милиони денари. Мостот што го поврзува градот со индустрискиот дел ќе се изгради во рок од 70 дена, изјави градоначалникот на Радовиш, Роберт Велков на денешното поставување на камен-темелникот.

Градежните работи ќе ги извршува фирмата „Алфа инжинеринг“ од Радовиш, која, како што истакна Велков, дала најповолна понуда и била избрана по електронски пат.


Над 40 државјани на Македонија се депортирани од Австрија откако не им било прифатено барањето за азил. Само во август околу 100 нашинци, претежно Роми од Радовиш и оклината, побарале азил во оваа земја, беше соопштено по средбата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со австрискиот конзул Сузан Шмит и полициското аташе на Австрија во Скопје, Стефан Турнер.

Тема на средбата бил зголемениот број баратели на азил од Македонија регистриран во минатиот месец. Претставниците на австриската амбасада соопштија дека нивните барања се одбиени како неосновани, а во соработка со македонските органи првата група од 40-ина лица веќе е вратена во земјава.

Министерката Јанкулоска рече дека Комитетот задолжен да го следи процесот на визна либерализација веќе одржал состанок на кој е разгледана постојната состојба и веќе ги договараат следните чекори за информирање на граѓаните кои би можеле да бидат доведени во заблуда за шансите за добивање азил во Австрија.

МВР преку одделенијата за превенција, прашањето ќе го покрене и на локално ниво преку советите за превенција за инволвирање на локалната самоуправа и директни контакти со населението.

- МВР ќе ја провери и работата на туристичките агенции што ги организирале овие патувања, односно дали постојат елементи на измама или лажни ветувања на граѓаните заради стекнување корист - велат во полицијата.

Според австриската полиција, Македонија важи за стабилна земја и не постојат основи за доделување азил на нејзини државјани и тие освен со одбивање може да се соочат со забрана за влез во Австрија и парични казни до 5.000 евра.

И од македонска и од австриска страна беше искажана подготвеноста да се следи натамошниот развој на ситуацијата, како и досега навремено да се разменуваат сите информации и координирано да се постапува за да бидат избегнати потенцијалните проблеми.


ПИЈАН РАДОВИШАНЕЦ НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЈЦИ

Радовишанец под дејство на алкохол, откако одбил да му биле извршен алкотест, нападнал полицајци, им скинал униформа, ги омаловажувал а потоа им се нафрлил со клоци, за на крајот да се обиде да одземе службен пиштол. Ваков инцидент полицијата од Штип евидентирала во саботата, дваесетина минути пред полноќ. Според СВР Штип, инцидентот се случил во 23,40 часот на улицата "Маршал Тито" пред црквата "Свети Никола". При вршење на контрола на патен сообраќај, патрола сопрела автомобил даеву матиз со штипски регистерски таблички кој го управувал 55-годишниот Г.П. од Радовиш. Полицајците се сомневале дека возачот бил под дејство на алкохол, па од него било побарано да му се изврши алкотестирање со апарат-алкотест "дрегер". Откако слушнал што побарале од него полицајците, возачот им се обратил со омаловажувачки зборови и одбил да се алкотестира. Откако му било укажано дека може да му биде земена крв и урина, Г.П. ја отворил вратата од матизот, излегол надвор од возилото и ја викнал неговата сопруга Ј.П. (53) инаку сопатничка во возилото да излезе, ги заклучил вратите на автомобилот и почнал да вика на висок тон. Полицајците му рекле дека може да продолжи да управува со возилото доколку не е под дејство на алкохол, но за да го докажел тоа требало да направат алкотест. Барањето на полицајците уште повеќе го налутило возачот по што тој од сопругата побарал да му даде печат од ПЗУ, а кога таа му го подала тој со печатот во раце се стрчал кон службеното полициско возило и со него удрил силно на еден од службените документи кои стоеле на предната хауба. Во истовреме Г.П. со висок тон се уште ги навредувал и омаловажувал полицајците, фатил еден од нив му го скинал ракавот од униформата, а со левата рака го фатил службениот пиштол за рачката и со сета сила се обидел да му го оттргне од футролата. Агресивниот радовишанец во обид да биде совладан, удирал и со клоци по полицајците. Радовишанецот бил приведен во полициската станица, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.


Првата сообраќајна несреќа се случила вчера рано утрото во 5,50 часот кога Светозар Т. (44) од с.Ангелци-Струмица управувајќи сопствено возило„Опел Вектра“ со италијански регистерски таблички , излетал надвор од коловозот, и починал на лице место.

Ноќеска пак,во 01,15 часот на магистралниот пат Струмица – Радовиш помеѓу Градашорска раскрсница и м.в„Слобода“, се случи уште една сообраќајна незгода во кој В.А.(42) од с.Добрашинци – Струмица управувајќи „Ауди 80“ со бугарски регистерски таблички, излетал на левата страна од коловозот, по што се превртел. Во незгодата на лице место починал сопатникот Блажо М.(34) од с.
Добрашинци , а со телесни повреди се здобиле возачот В.А., кој по укажаната лекарска помош во МЦ-Струмица е задржан на понатамошно лекување и сопатниците В.К. (38) и Р. С. (22) од с.Добрашинци, кои по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

Увид на лице место и во двата случаи извршиле Истражен судија, Јавен обвинител и увидна екипа на полицијата.


Најавената реконструкција на мостот за влез во Радовиш никако да почне, иако поминаа скоро две години откако мостот беше однесен од големите поплави. Радовишани се приморани секојдневно да кружат на другиот влез откај Струмица или да одат по земјениот пат. Не сфаќаат како може овој мост досега да не е обновен, кога тој, меѓудругото, го поврзува градот со индустрискиот дел.

Меѓу оние кои најмногу се жалат се таксистите кои губат муштерии. Во меѓувреме, од општината тврдат дека од први септември ќе почнела процедурата за избор на фирма што ќе го гради мостот.
Се проценува дека изградбата на мостот ќе чини околу 8 милиони денари.


Радовиш во саботата вторпат официјално го славеше Свети Спасо Радовишки, откако пред една година Советот на Општината донесе одлука радовишкиот светител и чудотворец да биде патрон и заштитник на градот, а радовишкиот плоштад да го носи неговото име.

Во последните пет години Радовиш доживеа повеќе непогоди. Прво, во голем пожар изгореа двете основни училишта во градот, потоа имаше голема поплава, а во три наврати општината претрпе големи штети и од град. Радовишани велат дека во последната година, откако градот го добил Спасо Радовишки за заштитник, такви непогоди немало.

Спасо Радовишки загинал на 21 година, на 21 август 1794 година во Солун, откако одбил да ја смени христијанската вера и да го прифати исламот. Неговото дело го славеле и Руската и други православни цркви.


Општина Радовиш од синоќа почнува со чествување на заштитникот на градот "Св.Спасо Радовишки". По тој повод денеска ќе се одржи свечена литургија во црквата "Св. Троица", на која ќе чиноначалствуваат поглаварот на МПЦ г.г Стефан, митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион и пет владици од земјава, по што е предвидена литија и осветување на параклисот на заштитникот на градот на плоштадот "Св. Спасо Радовишки".

Ордени од страна на Здружението и Општина Радовиш ќе добијат поглаварот на МПЦ г.г Стефан, бидејќи пред 12 години ја донесе иконата на светоцот, кој е роден во Радовиш, митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион затоа што пред две години го востанови чествувањето на празникот и ктиторот на црквата "Св. Троица", Ристо Гуштеров, бидејќи ја изгради црквата "Св. Троица", една од најубавите во земјава.


Педесетина пеливани и пет културно-уметнички друштва завчера учествуваа на четвртиот Фестивал на јуручките Турци во Македонија, што традиционално се одржува во радовишкото село Тополница. Пеливанските борби се одржаа претпладнето и во нив учествуваа педесетина пеливани од Македонија и двајца од Турција. Најдобрите борци во трите категории, освен парична награда, добија и по еден коч, овца или јагне. Попладнето и вечерта беше културно-уметничката програма.

Фестивалот го проследија и претставници на кабинетот на турскиот премиер, на турската амбасада во Македонија, на владината агенција Тика, а од Турција допатува и еден фолклорен ансамбл.